5+ Фамилија
„5+ фамилија“ е ТВ серија за деца на возраст од 4 до 9 години. Приказната е сместена во една стокатница, во голем град, сличен на сите големи градови во светот. Во стокатницата живеат, се разбира, и многу деца – но и едно многу познато куче што зборува – Брзотрчковски Петко. Секоја епизода е приказна сама за себе, во која на забавен и интересен начин децата ќе се запознаат со различни животни ситуации и проблеми и ќе извлечат одредени поуки.
Брзотрчковски Петко, главниот лик во серијата „5+ фамилија“, е големо, меко и мило куче што зборува. Тој е весел, добродушен, добар другар е со сите од стокатницата, но и малку е наивен. Сè уште не знае што сака да биде кога е порасне, но постојано открива нови скриени таленти. Кога е радосен извикува: „Јухи-јухи-јееј!“
Лина е најдобрата другарка на Петко. Тие живеат заедно, а нивното другарство е навистина – ретко! Лина е паметна, одлична ученичка, ги сака физиката и астрономијата и кога ќе порасне сака да биде научничка. Понекогаш знае да биде премногу амбициозна и помалку себична, но другарките и другарите ја знаат оваа нејзина особина и ја предупредуваат кога ќе претера.
Комшо е одличен кошаркар и ја сака музиката, особено – хип хоп музиката. Сака да пушта музика (да биде ди џеј), да носи дуксер, да игра игрици на компјутер и мобилен и да јаде брза храна – иако останатите од дружината често му посочуваат дека треба да се игра умерено, како и да се јаде повеќе свежо овошје и зеленчук. Комшо има уште една маана – мошне е мрзлив и не сака да учи, па оценките во училиште не му се најдобри. Но, со помош на Лина, Петко и останатите често успева да ги поправи – во последен момент.
Детективот секогаш доаѓа на повик – кога во стокатницата се случува нешто необично, нешто исчезнува или воопшто има некој сериозен случај којшто може да го реши – само детектив. Но, во решавањето на случаите помагаат сите деца од стокатницата, па затоа нема случај кој не останал нерешен.
Дедо Менде е најстариот жител на стокатницата, заедно со неговата жена – баба Севда. Дедо Менде сака да игра шах, да си прикажува со сите станари, да прави шеги и да дава мудри совети – кога на некој му е потребна помош.
Комшито му е најдобар другар на Комшо. За некои работи сака да биде како него (бидејќи и двајцата сакаат кошарка, хип хоп, носат дуксери и јадат брза храна), но за разлика од Комшо, Комшито го интересира да учи и да открива нови работи, да чита и да учествува на училишни натпревари. За разлика од Комшо, Комшито е и посрамежлив и малку повлечен.
Марија е еко-активистка. Таа ја основа познатата еко-патрола чија цел е да се грижи за чиста стокатница, за чување на природата и животната средина, и за грижа за животните. Марија е емотивна, многу добра другарка и им помага на сите. Родителите на Марија се разведени, па таа половина од времето го поминува надвор од стокатницата – живеејќи со татко ѝ.
Ана е весело и темпераментно девојче со повеќе таленти. Таа сака да биде поп-ѕвезда – да пее и да свири на гитара, но истовремено сака да биде магионичарка и да изведува магионичарски трикови. Ги сака нештата што се популарни и модерни. Малку е разгалена, инаетлива е и знае да биде и себична, но брзо сфаќа што направила и веднаш се извинува за тоа .
Сосетката Душка знае сè што се случува во зградата. Муабетчика е, па ако сретне некого во ходник или на скали, може да го задржи и повеќе одошто треба. Но, тетка Душка е тука и за да даде добар совет, да помогне, а и да ги направи најдобрите колачиња во стокатницата – и пошироко!
Лиз секогаш се облекува по последна мода, а нејзината коса е обоена во најнеобични бои. Во почетокот таа е разгалено и вообразено девојче кое често им прави проблеми на другите, се наметнува и сака да командува. Знае да биде љубоморна и себична, да прави сплетки и да се однесува несоодветно. Но, со упорноста на другите од стокатницата, кои и покажуваат дека другарството е најважното нешто додека си дете – Лиз станува подобра и покажува добри особини: храброст, независност и решителност.
Лука е внук на Дедо Менде и Баба Севда. Тој е славен јутјубер и е палаво момче кое сака да прави шеги – некогаш и непромислени. Не сака да учи, но под влијание на Лина, која му помага во учењето, малку се менува. Кога ќе порасне, Лука сака да стане репортер – а тоа го прави и сега преку неговите „Вести од стокатницата“. Лука е и прв помошник на Детективот.
Алек е кошаркарка и скејтерка. Силна е и храбра, мошне темпераментна, се бори за правата на девојчињата – да можат да ја изберат секоја професија или хоби што сакаат, но понекогаш умее да влезе во кавги или да сака да „тупне“ некого. Но, со помош на другите, Алек учи како да го контролира својот темперамент.
Цвајштајн е мал генијалец кој знае сè за природните науки, физиката, хемијата, математиката, информатиката, роботиката… Цвајштајн чита и книги, зборува повеќе јазици и освојува први места на сите натпревари. Има и своја лабораторија во стокатницата, во која секогаш пронаоѓа неверојатни изуми.
Буки е најновиот другар на Комшо и Комшито. Тој е сличен на нив во некои работи, сака брза храна и игрици, хип хоп и кошарка… Не сака многу да учи, но успева да се снајде во многу ситуации и да изненади со некое знаење кое другите го немаат, а може да се најде корисно во одредена ситуација.