Марија

Марија (Ивана Павлаковиќ). Марија е другарка од нивната зграда. Таа е многу одговорна личност, голем активист и екологист. Општествено е многу активна, ја води Еко-патролата „Немаме резервна планета“ и сите работни акции кои се поврзани со екологија. Честопати „спасува“ запоставени цвеќиња на терасата, се грижи за отпадот во зградата и често ги прекорува станарите за да се грижат за редот и мирот во стокатницата. Таа живее со мајка ѝ, бидејќи нејзините родители се разведени.

Комшито

Комшито (Чедомир Митевски). Комшито од неодамна е доселен во стокатницата. По потекло е Албанец, и благодарение на Комшо е дел од дружината на Петко. Комшо во неколку ситуации го заштитил од задевања на другите деца во училиштето и оттогаш наваму, Комшито многу се приврзува за Комшо. Тој му станува најверен пријател, го имитира на сите можни начини, како во облекувањето, така и во однесувањето. Заедно се неразделен тандем. Покрај албанскиот како мајчин јазик, одлично зборува и македонски.

Ана

Ана (Сара Климоска). Ана е фалбаџика, која секогаш има да каже или да покаже дека по нешто е подобра од другите. Сака да ги има најновите работи, ама бидејќи е свесна за тоа дека е побогата од другите деца, честопати знае да им позајми/отстапи нешто и тоа најчесто го прави тајно, затоа што ја фаќа срам кога ѝ се заблагодаруваат. Таа често го менува стилот на облекување, па и однесување. Во иднина сака да биде новинар. Таа во друштвото ја носи братучетка ѝ Сара, која има физичка попреченост и е во инвалидска количка. Ана многу се грижи за Сара, но често е љубоморна на неа, која одлично се вклопува во друштвото и ги придобива нејзините другари, но брзо ѝ поминува лутината.

Тетка Душка

Тетка Душка (Марија Кондовска). Тетка Душка е возрасна жена, која цело време гледа серии и вести. Таа знае сѐ за зградата и е најголема трачарка во неа. Многу често си седи на тераса со децата и сака да се дружи со нив, а тие се нервираат, но сепак многу ја почитуваат. Често им доаѓа дома да им донесе да пробаат пити и колачи. Таа е онаа тетка која ја има во секоја зграда, којашто знае сè за сите, секогаш гледа низ прозорецот и знае кој кога доаѓа, кога излегува, кој со кого срдечно се поздравува и кој со кого се избегнува.

Сара

Сара (Сара Анастасовска). Сара е братучетка на Ана. Таа има физичка попреченост, и користи инвалидска количка. Има проблем во пристапноста на многу места и ограниченост во дружбата. Сара е свесна за нејзината попреченост и многу добро се носи со тоа. Таа е ведра, паметна, позитивна и дружељубива. Одлично се вклопува во друштвото. Интелигентна е и снаодлива. Одлично ги совладува компјутерските вештини, како и социјалните медиуми, но е многу претпазлива како ги користи. Петко и другарите од дружбата со Сара, заклучуваат дека многу од игрите не можат да ги играат и на многу места наидуваат на препреки, а тоа многу ги нервира и бараат начин како да ги решат, па дури и покренуваат иницијативи за подобар пристап во кина, театри итн.